Се вклучи алармот во Атлетико, голманот Јан Облак наводно сака да го напушти Мадрид. Словенечкиот чувар на мрежата се чувствува изневерено од страна на раководството, кое му ветило дека ќе му понуди нов договор, а од тоа ниту трага, ниту глас.
Како што известуваат шпанските медиуми, Облак бара нов договор и поголема плата бидејќи за разлика од него, неколку клучни играчи во изминатиов период ги продолжија соработките со клубот, а тој и натаму чека. Атлетико го смета Облак за главна фигура во тимот, а тој сака тој статус да биде потврден и со поголема заработка, во спротивно ќе побара да биде продаден уште во јануари. Претходно на два пати му бил понуден нов договор, но претставниците на Словенецот не биле задоволни од понудата, па чекаат таа да биде подобрена.
Во таборот на Атлетико засега нема простор за паника, бидејќи актуелниот договор на Облак истекува во 2021 година, а згора на сè, тој има клаузула од 100 милиони евра, цена која не може да ја плати кој било клуб. Но, доколку се случи тоа, Облак би станал новиот најскап голман во светот, соборувајќи го рекордниот трансфер на Кепа Аризабалага, шпанскиот голман кој летово го смени дресот на Атлетик Билбао со оној на Челзи за сума од 80 милиони евра.