Додека најголемиот дел од стадионите низ целиот свет се затворени или се со редуциран број гледачи поради пандемијата со корона-вирусот, во САД се случува враќање на „старото нормално“. НФЛ-екипата на Мајами делфинс доби дозвола од властите во сојузната држава Флорида на нејзиниот стадион „Хард Рок“ да присуствуваат 65.000 гледачи.
Освен што доби дозвола да биде исполнет до последно место, најавено е дека гледачите на стадионот нема да бидат обврзани да носат маска, што значи дека на стадионот „Хард Рок“ сè ќе биде како пред почетокот на пандемијата со корона-вирусот. Првиот следен меч на свој терен Мајами треба да го игра на 25 октомври против Лос Анџелес чаргерс.
По Мајами делфинс, такви дозволи потоа ќе добијат и останатите екипи од оваа сојузна држава во САД. Тоа значи дека и Тампа беј и Џексонвил јагуарс ќе играат со публика во НФЛ.
Екипата на Делфинс и во време на најголемите рестрикции поради пандемијата, беше една од ретките која дозволуваше гледачи на стадионот, и тоа по 13.000 на меч. Сега, навивачите на Мајами без никакви рестркции и протоколи ќе може да одат на стадион и да навиваат за својот омилен тим.
Повеќе од 7,5 милиони жители во САД се заразени со Коронавирусот, од кои 722.000 случаи се во државата Флорида. Повеќе случаи на заразени има само во Калифорнија и во Тексас, а според статистиката, речиси 15.000 жители на Флорида починаа како последица од опасниот вирус.