Се вративме во игра за ЕП 2020 – Македонија ремизираше 1:1 со Израел (Видео)

Македонија одигра одличен меч во Бер Шева против Израел и вторпат по ред при гостувањето во Светата Земја остана непоразена. Сега ремизиравме 1:1, откако пред две години во Хаифа славевме со 1:0.

И повторно Македонија имаше подобри шанси за да победи, а ги пропушти во првото полувреме, и тоа четири. Енис Барди со прекрасен удар во 27-мата минута најави дека сакаме три бода од Бер Шева, а голманот Марсијано со прекрасна парада спречи предност на гостите. Потоа и Алиоски, Елмас и Несторовски имаа зрели шанси за гол, но по првото полувреме немаше голови.

Еран Захави нè казни за утките во 55-тата минута, кога го искористи додавањето на Соломон и го совлада Столе Димитриевски. За него ова е осми гол во нашата група и Захави е најдобар стрелец по пет одиграни кола.

https://www.dailymotion.com/video/x7k7i74

За среќа, Македонија брзо израмни, а заслужни беа Езџан Алиоски и Аријан Адеми. Алиоски со прекрасен центаршут во 64-тата минута го погоди на вистинското место капитенот на Динамо Загреб, а Адеми мајсторски реагираше и погоди со глава за 1:1.

Потоа и двете селекции притиснаа за цел плен, а Македонија пак пропушти златна шанса за победа во финишот на мечот. Горан Пандев, кој влезе во второто полувреме, одлично го проигра Елмас, а нашиот бисер беше неодлучен во ситуација еден на еден и се обиде да додаде наместо да ја погоди мрежата на Израел.

Моментно, по пет одиграни натпревари во групата Г, Македонија има пет бода на четвртото место, а следен ни е дуелот со Летонија во Рига на 9 септември.

- Оглас -

Најнови вести