Се зарази од Коронавирусот, па сега советува: Почитувајте ги правилата барем поради оние кои ги сакате

Дефанзивецот на Јувентус, Даниеле Ругани, е првиот познат фудбалер кој е заразен од Коронавирусот. Италијанскиот првак синоќа потврди дека Ругани бил позитивен на тестот за Коронавирусот, па челниците на Старата дама веднаш презедоа превентивни мерки и сите фудбалери завршија во изолација.

Освен играчите на Јувентус, во изолација се и фудбалерите на Интер, кои само пред неколку дена играа против Јувентус во Дербито на Италија. Според првичните информации, Ругани има лесна клиничка слика и се чувствува добро, а преку социјалните мрежи упати порака до сите многу да внимаваат.

„Да, имам Коронавирус, но не се грижете, добро сум. Ги советувам сите да ги почитувате правилата затоа што вирусот не прави разлика. Направете го тоа поради самите вас, поради вашите сакани и поради сите околу вас“, напиша Ругани во пораката.

Ругани сезонава има седум настапи за Јувентус, тим во кој е од 2012 година, кога дојде од тимот на Емполи. Поради болеста на Ругани и изолацијата на останатите играчи на Јувентус, сè поизвесно е дека реванш-дуелот меѓу италијанскиот првак и Олимпик Лион во осминафиналето од Лигата на шампиони нема да се одигра во предвидениот термин на 17 март затоа што нема да поминат предвидените 14 дена од изолацијата, колку што е потребно да биде сигурно дека останатите фудбалери на Јувентус немаат Коронавирус.

 

- Оглас -

Најнови вести