Се знае рецептот за победа, кај Пандев е топката (Фото)

Горан Пандев беше стрелец на историскиот гол за пласман на Македонија на прво големо натпреварување, погоди во Тбилиси против Грузија, а и утре на стартот од квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар, топката е кај капитенот.

Од него се очекува да биде лидер на генерацијата што обезбеди настап на Европското првенство во обидот да ги победиме Романците во Букурешт и победнички да стартуваме во нов квалификациски циклус за настап на големо натпреварување.

Капитенот ќе го игра 115. натпревар во дресот со националните бои на Македонија, а со него во офанзивата стандардно се очекува да играат и Илија Несторовски и Елиф Елмас, трио што ја одработи брилијантната акција за победа во Тбилиси, против Грузија.

Селекторот Игор Ангеловски ќе мора да најде замена за капитенот на Динамо Загреб, Аријан Адеми, кој тренираше вечерва на националната арена во Букурешт, но нема да игра утре од 20.45 часот против Романците, поради повреда.

Во репрезентацијата се враќа Енис Барди, кој не настапи на последните два меча од европските квалификации, а не играше во Тбилиси на 12. ноември, поради повреда.

Во составот по подолг период е и Агим Ибраими, повторно е повикан и Ферхан Хасани, па Македонија има доста офанзивни решенија за атак на прва победа во квалификациите за настап на Мундијалот во Катар.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести