Поранешниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски, е подготвен да дебитира на клупата на Широки Брег во дербито против Зрински. Седлоски неодамна беше доведен во клубот, потпишувајќи двегодишен договор. Тој вели дека целосниот фокус е за мечот против Зрински.
„Знам дека Зрински три години по ред е шампион, што покажува дека имаат квалитет. Сепак ние сме фокусирани само на нашата игра. Треба да ја вратиме агресивноста, секој играч мора да го даде максимумот за колективот. Лигата е многу израмнета, нема лесни натпревари и секој секого може да победи. Секој дуел е тежок на свој начин. Нема да потцениме никого и ќе одиме меч по меч. Моментно мислиме на Зрински“, рече Седлоски на прес-конференцијата пред дебито на клупата на Широки Брег.
По осум одиграни средби досега, Широки Брег е на четвртото место на табелата со 13 освоени бодови, додека Зрински е една позиција погоре и досега освои 15 бодови.