9.8 C
Skopje
среда, 11 февруари 2026

Седлоски: Ги почитуваме сите противници, ќе бидеме конкурентни на секој натпревар

Репрезентацијата на Македонија утре ќе ги добие противниците за претстојното издание на Лигата на нациите, во кое нашата селекција за првпат во историјата ќе биде дел од Б сегментот на ова натпреварување.

Токму овие дуели ќе бидат нов предизвик за оваа генерација играчи, но и одлична можност за селекторот Гоце Седлоски да ја подготви репрезентацијата за квалификациите за Европското првенство кои почнуваат во 2027 година.

„Репрезентациите од првиот и вториот шешир објективно влегуваат како фаворити, со оглед на нивниот рејтинг, искуството и континуитетот на големи натпреварувања. Но, тоа не значи дека однапред се знае исходот. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б.

Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани и фокусирани од првата до последната минута, можеме да бидеме незгоден противник за секого. Овој циклус го гледаме како нов чекор за напредок на репрезентацијата и шанса дополнително да го потврдиме нашиот квалитет.

Верувам дека репрезентацијата ќе расте низ циклусот натпревари во Лига Б и дека имаме стабилна основа за позитивни резултати”, рече пред жрепката предводникот на националниот тим.

Жрепката ќе се одржи утре во Брисел, со почеток во 18 часот, Македонија е дел од четвртиот сад во кој се наоѓаат уште селекциите на Шведска, Северна Ирска и Косово.

Статус на носители имаат Шкотска, Унгарија, Полска и Израел, во вториот сад сместени се Швајцарија, Босна и Херцеговина, Австрија и Украина, а во третиот се наоѓаат Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија.

- Оглас -

Најнови вести