Седлоски го прероди Вардар, речиси пет години Црвено-црните немале ваква низа без пораз

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар продолжува со одличните резултати. Црвено-црните без многу проблеми вчера победија во Струмица против Брера со 2:0, со што само продолжи добрата низа на тимот предводен од тренерот Гоце Седлоски.

Токму Седлоски е еден од главните „виновници“ за преродбата на Вардар. На 5 ноември 2024 година беше назначен за нов тренер, кога Вардар беше последен на табелата. Точно шест месеци потоа, Вардар под водство на Седлоски веќе има 28 бода, шест повеќе од екипите кои се во опасната зона и веќе гледа кон средината на табелата.

Од почетокот на пролетниот дел од сезоната, односно во 2025 година, Вардар има само еден пораз, и тоа тој несреќниот од Шкендија со 1:2 на арената „Тодор Проески“. По тој меч, Вардар нареди пет победи и три нерешени, што значи дека вкупно осум средби не знае за пораз (седум во првенство и еден во Купот).

Црвено-црните одамна немале ваква низа без пораз, кога за ривали ги имале противниците од елитното натпреварување. Последен пат Вардар бил вака непобедлив уште речиси пред пет години, односно во сезоната кога доминираше во Првата лига.

По таа сезона следуваше падот на Вардар. Клубот тонеше, играше и во Втора лига, па сега Вардар конечно сега заличи како што треба за најтрофеен клуб. Со игрите и резултатите во пролетниот дел, Вардар покажува дека има и европски амбиции. Преку настапите во првенството нема шанси да се бара излез во Европа, но затоа екипата ќе игра во полуфиналето на Купот на Македонија. Со евентуално освојувње на трофејот на Купот, Вардар ќе види и европски лето.

Седлоски во минатото е навикнат да освојува трофеи со Вардар и тоа како тренер, но и како директор на клубот. Сега мисијата на некогашниот репрезентативец е токму таа. Вардар повторно да се бори за трофеите. Со резултатите во 2025 година, Црвено-црните се на добар пат.

- Оглас -

Најнови вести