По пауза од неколку сезони, Вардар се враќа на меѓународна сцена. Црвено-црните утревечер на арената „Тодор Проески“ ќе го пречекаат тимот на Ла Фиорита од Сан Марино.
Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски посакува неговиот тим да одигра на посакуваното ниво и верува дека тоа ќе биде доволно да се стигне до посакуваната победа.
„Одработивме добри подготовки во изминатиов период. Имавме 20-тина дена во Словенија каде екипата добро се подготви, иако ни недостасуваа неколку странски играчи. Мораме да влеземе максимално професионално. Респект имаме кон секој ривал, Мислам дека сме подготвени и очекувам победа. Нема фаворити во денешниот фудбал. Најважно ни е момците да одиграат онака како што е имаме договорено. Ова е прво полувреме од двомечот. Мораме да бидеме максимално сконцентрирани и професионални. Ла Фиорита лани исфрлија белоруски тим. Колку имавме информации за ривалот, ја анализиравме нивната игра. Најважно е да одиграме ние според зацртаното, максимално професионално“, рече тренерот Седлоски.
Капитенот Азер Омерагиќ е оптимист и очекува уште во првите 90 минути Вардар да ги реши сите дилеми околу тоа кој тим ќе помине во следната фаза.
„За овие месец дена колку што траат подготовките екипата е максимално подготовена и мотивирана. Првиот меч играме дома ќе гледаме уште утре да стекнеме добра предност пред реваншот на гости. Секако дека имаме респект кон противникот, но веруваме во нашиот квалитет и очекувам победа“, вели капитенот Омерагиќ.