39.8 C
Skopje
вторник, 22 јули 2025

Седлоски и Омерагиќ ветуваат: Против Лозана ќе го дадеме максимумот, сакаме да одиме во следната фаза

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар денеска слави роденден. Пред точно 78 години се формирање клубот кој стана македонски спортски бренд.

Роденденски, Вардар летово има многу работа, и тоа во Европа. Црвено-црните го поминаа првото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА, а сега следува следниот голем предизвик, а тоа е двомечот против Лозана од Швајцарија. Тренерот Гоце Седлоски вели дека го почитува ривалот, знае дека ќе биде многу тешко, но вардарци се подготвуваат за голема битка со фаворизираниот ривал.

„Нема лесни противници во Европа. Лозана е квалитетен ривал. Mене најважно ми е мојата екипа да одигра како што треба. Од првата минута да покажеме карактер, да покажеме дека можеме со секого да играме. Ќе го дадеме максимумот. Ова е прво полувреме, имаме реванш и на гости. Ги повикувам сите симпатизери да дојдат на трибините и да навиваат, да бидат наш 12-ти играч. Ние со офанзивен фудбал да оствариме добар резултат“, рече Гоце Седлоски во изјава за МТВ.

Капитенот на Вардар, Азер Омерагиќ, открива дека атмосферата меѓу фудбалерите е на највисоко ниво и дека со оптимизам се чека дуелот кој в четврток ќе се игра на арената „Тодор Проески“.

„На секој меч играм максимално и се обидувам да го дадам најдоброто. Сите во екипата се подготвени. Владее позитивна атмосфера, сакаме да победиме и да го елиминираме овој тежок ривал. Се надевам дека ќе имаме и поддршка од трибините, тоа дава мотивација плус и енергија плус“, вели Омерагиќ кој беше еден од најдобрите играчи на Вардар во двомечот против Ла Фиорита.

Спортскиот директор на Вардар, Игор Ивановски, открива како најтрофејниот клуб само за една година од дното стигна до европски рамки.

„Само пред една година Вардар беше целосно уништен клуб, клуб со многу проблеми. Проблемите повеќе беа финансиски, а ние успеавме точно за една година. Пред 364 дена некој да ми кажеше дека ќе зборуваме денеска за второто квалификациско коло од Конференциската лига, ќе мислевме дека е невозможна мисија, но ете така е. Има клубови кои со години играат во Европа, но не може да го поминат првото коло, а ние успеавме веднаш по враќањето на европска сцена, и тоа по долга пауза од осум години“, вели Ивановски, кој додава дека очекува на трибините в четврток да има меѓу 10.000 и 15.000 навивачи, иако дуелот се игра во екот на летните одмори и во Скопје се пеклони температури.

 

- Оглас -

Најнови вести