Специјално од Сиде, Турција
Трајан Маневски
Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски, ги искажа своите импресии од досегашниот тек на подготовките на Вардар во Анталија. Стратегот е задоволен од тоа како течат тренинзите на Црвено-црните.
„Напорни се подготовките, едноставно тешки се играчите. Секому сакам да му дадам шанса, сега до нив е како ќе се покажат. На првите два меча им дадов шанса на сите. Денеска исто така ќе им дадам шанса на повеќето. Секој кој е тука сакам да му дадам шанса, можеби некој ќе експлодира и ќе се докаже. На последните два меча ќе се искристализира тимот кој ќе го понесе товарот за пролетниот дел”, вели Седлоски.
Тренерот на Вардар е свесен дека со заминувањето на Роџерс Мато (пред трансфер во Хартс) се создава празнина на теренот која мора да биде пополнета.
„Мато експлодира, реши доста мечеви оваа сезона, добро играше и трансферот дојде. На таа позиција има два-тројца играчи и ќе видиме кој би го заменил. Исто така бараме уште 2-3 засилувања за да го освежиме тимот”, рече Седлоски.

