Седлоски: Ништо не смее да нè изненади затоа ќе тренираме и пенали

Македонија е во улога на аутсајдер на мечот против Данска, кој на 26 март ќе се игра во Копенхаген, во баражот за пласман на Светското првенство кое ќе се игра летово во САД, Канада и Мексико, но селекторот Гоце Седлоски ветува дека нашите фудбалери ќе покажат дека може да парираат.

Седлоски потенцираше дека ќе има мал период за подготовки затоа нема многу време за драстични промени, но секој момент за време на подготовките ќе биде посветен да се направи сè што треба за да бидеме подготовени за предизвикот наречен пласман на Светско првенство.

„Имаме три дена работа, во кои ќе се обидеме да вметнеме нешто ново. Нема што многу да менуваме. Тоа што е најважно е да сме колективна екипа, да одиграме еден за друг, да не се плашиме. Не смееме да се уплашиме од атмосферата во Данска. Јас како играч најмногу сум сакал да играм на таква атмосфера. Респект за Данска, но и Македонија има мотив да направи изненадување“, рече Седлоски.

На прашањето дали нашите фудбалери ќе тренираат и пенали, затоа што може да се случи и пеналите да го решат победникот, Седлоски со насмевка на лицето одговори: „Во тие три дена ќе ги испробаме сите варијанти, да бидеме подготвени ништо да не нè изненади“.

Официјално собирот ќе биде в недела, а тренинзите ќе започнат на 23 март (понеделник).

Подобриот од дуелот меѓу Данска и Македонија во финалето на плејофот ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Република Ирска и Чешка.

- Оглас -

Најнови вести