Вардар по шест години повторно е есенски шампион во Првата македонска фудбалска лига, а од клубот се пофалија дека финансиската состојба е стабилна, долговите се расчистени. Сепак, она што ја интересира јавноста се најавите дека Гоце Седлоски ќе биде нов селектор на фудбалската репрезентација на Македонија.
„Седлоски е наш тренер, има максимална доверба и пролетоска ќе биде предводник на Вардар. Тој има актуелен договор со Вардар дури го планираме да го води тимот и на европска сцена по завршувањето на сезоната. Не ретко има тренери кои извршуваат две функции, па нема да биде проблем тој да биде и тренер на Вардар и доколку биде избран за селектор на Македонија, но за тоа околу селекторската функција треба да се изјаснат од ФФМ“, вели претседателот на Вардар, Миленко Неделковски.
Претседателот на Вардар се осврна и на финансиската состојба на клубот, за која вели дека е стабилна и без долгови.
„Поминаа 13 месеци откако го презедовме клубот, период во кој Вардар ја доби главната битка, таа финансиската. Клубот доби финансиска стабилност во овие 13 месеци. Многу долгови се расчистени. Одблокирана е сметката од УЈП. Добивме шанса да платиме 2,5 милиони евра на 36 рати и тоа оди тековно. Кон физички лица и фирми долгот беше 1,5 милиони евра и тоа сè е расчистено“, вели Неделковски, па продолжи:
„Кога дојдов минатата година, ја паметам табелата. Вардар беше претпоследен. Имавме само 13 бода од 18 натпревари. Колку за споредба, сега од 16 натпревари имаме освоено 42 бода и Вардар е прв и единствен без пораз. Есенски прваци по пауза од шест години. Последен пат Вардар беше есенски првак без пораз во сезоната 2012/13.“
Познат е и планот за подготовките на Вардар. Екипата од 13 јануари до трети февруари ќе престојува во Анталија, а таму ќе бидат одиграни неколку контролни натпревари. Најпрво на 17 јануари против Јаблонец од Чешка, на 23 против Мотор од Полска, три дена подоцна против Динамо Махачкала. На 29 следува дуел против нов руски противник, Ахмад Грозни, и серијата завршува на втори февруари, термин за кој се бара противник.

