Гоце Седлоски и официјално седна на клупата на вториот тим на Динамо Загреб, објавија популарните Модри на својата клупска страница.
Нашиот поранешен репрезентативец со 100 настапи за Македонија го наследи Игор Јовичевиќ на кормилото на резервниот тим на Динамо откако неговиот претходник е именуван за прв тренер на тимот А на лидерот во хрватското првенство.
Седлоски ќе има интересна мисија ако продолжи Лигата на шампионите за младинци, односно за играчи до 19 години. Динамо би требало да игра против Бенфика во четвртфиналето, но само ако се одигра циклусот прекинат поради пандемијата со ковид-19.
Гоце доскоро беше спортски директор во Вардар, има играно за Динамо Загреб од 1998 до 2004, а потоа се врати во клубот и во 2005 година. Интересно е што претходно две сезони беше член и на вечниот ривал на Модрите, на Хајдук од Сплит.