Сонот за пласман на Мундијалот за Македонија заврши во Копенхаген со убедлив пораз од селекцијата на Данска со 4-0. Селекторот Гоце Седлоски вели дека по полувремето без голови договорот бил фудбалерите да останат мирни и во продолжение, но нашата игра се распадна само по десет минути.
„Сакам да им честитам на Данците за заслужениот триумф. Беа подобри во второто полувреме, постигнаа голови на стартот. На паузата се договоривме да останеме мирни, да се потрудиме да не примиме гол, но не успеавме. Тие десет минути беа кобни, се распаднавме за десет минути во вториот дел, и тоа не смее да ни се случува. Тажни сме сите за поразот, но мора да останеме со мирни глави, затоа што брзо нè очекува уште еден натпревар. Им благодарам на навивачите што дојдоа и не бодреа, се надевам дека многу брзо, во друга прилика ќе ги израдуваме со добар резултат“, рече селекторот на Македонија, Гоце Седлоски.

