Седум минути фалеа за Димитриевски да ја покори Барселона како никој претходно во историјата

Рајо Ваљекано со 2:1 славеше над Барселона, па тимот од главниот град на Шпанија продолжи една неверојатна одлична серија против каталонскиот гигант. Во последниве две сезони, Рајо резултатски доминира против Барселона и има три победи и едно реми. Во овој период, Барселона против ниту еден друг клуб нема толку лош биланс, односно само еден освоен бод од можни 12.

На овие четири средби на кои Рајо игра одлично, еден од главните во тимот од Мадрид е Столе Димитриевски. Македонскиот репрезентативен чувар бранеше на сите четири натпревари и секогаш беше феноменален. На три средби по ред, Димтриевски успеа да ја сочува мрежата незатресена. Минатата сезона Рајо Ваљекано двапати победи со по 1:0, а во есенскиот дел оваа сезона беше 0:0 на „Камп ноу“. Синоќа Рајо Ваљекано водеше со 2:0 сè до 83-тата минута, кога Роберт Левандовски конечно успеа да го совлада Димитриевски и не дозволи Рајо четврти дуел по ред да заврши без да прими гол од Барселона.

Низ историјата, само еднаш се случило да има клуб кој четири натпревари по ред во првенството успеал да ја задржи Барселона да не постигне ниту еден гол. Тоа му успеало на Овиедо во периодот од 1989 до 1991 година.

На тие четири средби на кои Барселона не успеа да постигне ниту еден погодок против Овиедо, на три средби бранеше Зубелдија, а еднаш на голот на Овиедо беше Вити. Тоа значи дека ако Димитриевски синоќа успееше во последните седум минути да ја сочува незатресена мрежата, ќе беше првиот голман во историјата што на четири дуели по ред не примил гол од Барселона.

Низата на македонскиот голман заврши на 362 минути без примен гол во лигашките дуели против Барселона, што секако е рекорд во шпанското првенство.

- Оглас -

Најнови вести