Секој славен клуб во текот на својата историја поминувал низ лош период. Токму таков е сега периодот за Милан. Некогашниот седумкратен европски првак веќе неколку години е далеку од посакуваните резултати. „Росонерите“ не успеаја да се пласираат ниту во Лигата на шампионите, а не толку одамна тоа беше клубот кој го освојуваше најзначајниот трофеј во европа на клупско ниво.
Поради фактот дека нема да игра во Лигата на шампионите, челниците на Милан најавија дека летово клубот ќе има мал буџет за доведување нови играчи. Првично беше најавено дека „росонерите“ ќе имаат само 25 милиони за купување нови играчи. Сепак, на таа сума се додадени уште 15 милиони евра, па на „Сан Сиро“ може да дојдат играчи кои вкупно би вредедле 40 милиони евра.
Милан не смее да троши повеќе пари поради финансискиот губиток кој се појави по неуспехот да се обезбеди место во Лигата на шампионите. Актуелниот буџет кој го има Милан е буџет кој е дури помал и од дел од англиските второлигаши.
Засега Милан бара нов тренер кој ќе дојде на местото на Џенаро Гатузо, кој си даде отказ. Дури кога ќе најдат нов тренер, се очекува да се бараат и новите засилувања за „Сан Сиро“ во летниот преоден рок.