Сефте победа за Јовиќ и Шундовски, Е. Пелистер му се реваншира на Нексе

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја остварија втората победа по ред во СЕХА-лигата откако вечерва пред своите гледачи во Битола го совладаа Нексе со 27:23.

Ова е прва победа на новиот тренер на битолчани, Александар Јовиќ, како и на тим-менаџерот Звонко Шундовски, кои дебитираа на клупата на Е. Пелистер откако го наследија Ларс Валтер на клупата.

Битолчани со триумфот му се реваншираа на Нексе за поразот во Хрватска и се искачија на второто место на табелата во групата А.

Битолчани беа подобар тим во сите 60 минути, а на одмор заминаа со три гола предност (14:11).

Во вториот дел, ракометарите на Е. Пелистер поведоа и со плус седум (21:14), а во последните десет минути предноста беше и плус осум (26:18). Потоа следуваше пад во играта, Нексе намали на минус четири, а во последните секунди голманот Марко Кизиќ одбрани седмерец и го остави Пелистер на плус четири.

Денис Василев со шест гола од осум обиди беше најефикасен ракометар на средбата. Се истакнаа и голманите на Пелистер, Лесјак имаше 11 одбрани, Кизиќ седум, од кои три седмерци, меѓу кои и оној во последната секунда.

- Оглас -

Најнови вести