Сега е и официјално: Чиро Имобиле е „Златна копачка“ на Европа за 2019/2020!

Чиро Имобиле од Лацио и официјално е освојувач на „Златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа за сезоната 2019/2020. Ова стана јасно откако Јувентус и дефинитивно не го стави Кристијано Роналдо на листата на кандидати за настап на дуелот со Рома од последното коло во Серија А.

И минатиот викенд имаше најави дека Португалецот нема да игра, но тој се појави на терен, па затоа во Италија сите беа резервирани овојпат кога се најавуваше оти Јуве нема да ги користи услугите на Кристијано против Римската волчица. Роналдо беше единствениот кој со некакво чудо можеше да го надмине Имобиле на листата на стрелци, но сега тоа пропадна и искусниот Италијанец може да слави. Чиро е трети Италијанец по Лука Тони и Франческо Тоти, кој бил Златна копачка на Европа.

На Имобиле сега му останува да даде гол против Наполи, и да се изедначи со рекордот на Гонзало Игуаин кој токму играјќи за Наполи го држи рекордот на Серија А од 36 гола во една сезона. Два или повеќе голови на Имобиле вечерва би значеле нов рекорд.

Во претходните три сезони, прв стрелец во Европа беше Лионел Меси од Барселона, но сезонава Аргентинецот не е ни меѓу првите тројца.

- Оглас -

Најнови вести