Салцбург вчера беше блиску до големо изненадување откако на гостувањето кај европскиот првак Ливерпул надополни три гола негатива и израмни на 3-3, пред Салах да ги донесе првите бодови за Црвените во групната фаза од ЛШ. Меѓу стрелците за австрискиот првак се запиша и младата норвешка сензација, Ерлинг Браут Халанд, кој од почетокот на оваа сезона го сврте вниманието со своите одлични настапи.
Иако има само 19 години, Халанд веќе се смета за голема опасност пред противничките голови, а вчера и Ливерпул го почувствува тоа на своја кожа. Халанд го постигна вкупно 18-тиот погодок сезонава само на 11 меча, а по натпреварот даде интересна изјава.
„Татко ми отсекогаш ми се фалеше дека постигал гол на „Енфилд“, сега и јас можам да му го кажам тоа. Имаме еднаков број погодоци на овој легендарен стадион“, истакна Халанд.
Неговиот татко, Алф Инфе Халанд, своевремено играше на Островот за Нотингам форест, Лидс јунајтед и Манчестер сити. Како играч на Лидс успеа да постигне гол против Црвените во сезоната 1997/98.
https://www.youtube.com/watch?v=aFjViY7y9iQ