Леванте од 16 часот го пречекува Реал Мадрид во меч на кој гостите со победа, привремено би го преземале првото место на табелата, иако тоа не е баш пријатно кога во претходниве четири кола во Ла Лига, тимот кој го почнал колото како лидер, губи во наредната рунда.
Зинедин Зидан има огромни проблеми околу составување на екипата. Повредени се централниот дефанзивец Милитао, незаменливиот во средниот ред Крос, крилото Азар, и двата десни бека Карвахал и Одриозола. Зидан ќе мора да импровизира на позицијата десен бек и да стави на тоа место некој играч на кој тоа не му е природна позиција. Кандидати се Начо, Менди и Лукас Васкес.
Во Реал сигурно не го заборавиле поразот од Леванте во февруари, Кралевите добија само едно од последните три гостувања кај Леванте, но тогаш ситуацијата беше поинаква. Средбите се играа на стадионот на Леванте, и со публика. Овојпат Реал на гостувањето во Валенсија ќе ја нема публиката против себе, а и дуелот се игра на теренот на Вилјареал, каде Енис Барди и другарите привремно играат како домаќини.