Рафаел Варан во интервју за најпознатиот шпански спортски весник „Марка“ потврди дека останува во дресот на Реал Мадрид и во следната сезона, иако пред неколку месеци бараше да биде продаден. Варан не беше задоволен од третманот, не му биле направени почести за освоената светска титула со Франција, а и играше во лоша форма во голем дел од сезоната.
Сепак, по доаѓањето на Зинедин Зидан, позицијата на Варан во тимот се зацврсти, Зизу инсистира на негово останување и успеа да го убеди Варан и деветта сезона по ред да остане во Реал.
„Останувам и следната сезона. Сигурен сум дека ќе доживееме силни емоции и дека ќе имаме добра сезона“, изјави Варан, кој вели дека иако навивачите повеќе ја сакаат Лигата на шампионите, Реал ќе се потруди да ја освои титулата и во домашното првенство, каде што треба да се игра добро во континуитет.
Варан е третиот играч кому иднината во Реал не му беше сигурна, а кажа дека останува. Тоа се случи и со Тони Крос, кој имаше очајна сезона, но му беше продолжен договорот, а во клубот се решени да го продадат Герет Бејл, но и тој не сака да си оди ако не му биде исплатен целиот договор до 2022 година.