Светското првенство во Катар заврши, а еден од играчите кои оставија печат на Мундијалот е хрватскиот дефанзивец Јошко Гвардиол. Момчето кое има само 20 години одигра одлично и е еден од најзаслужните што Хрватска стигна до полуфиналето на планетарниот собир.
Според многу проценки, цената на Гвардиол сега драстично е зголемена, што оди во корист на неговиот актуелен тим Лајпциг. Најавите се дека младиот Хрват во блиска иднина може да го надмине и рекордниот трансфер за дефанзивец што е во сопственост на Хари Мегваер. Челзи и Реал Мадрид се потенцијалните клубови кои може да платат меѓу 90 и 100 милиони евра за Гвардиол.
Момчето кое сега вреди многу милиони, само до пред неколку години не ни можело да замисли дека ќе биде на ова ниво. На социјалните мрежи излезе еден пост кој Гвардиол го објавил во јануари 2016 година, а тогаш побарал некој да му препорача каде може да купи монитор за компјутер, но да е некој евтин.
„Може ли некој да ми препорача монитор за компјутер? Каде има да се купи некој евтин?“, гласи пораката од Гвардиол што ја испратил на „Фејсбук“ пред шест години.