Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, е главен фаворит да биде нов селектор на Бразил, пишува „Лекип“.
Кариоките останаа без селектор по завршување на Светското првенство во Катар, бидејќи Тите си поднесе оставка по поразот на Бразил во четвртфиналето од Хрватска и тоа по подобро изведување на пенали.
Според „Лекип“, Фудбалската федерација на Бразил (ЦБФ) сака новиот селектор на Кариоките да биде странец и прв избор им беше Карло Анчелоти, но Италијанецот му остана верен на Реал Мадрид и ја одби понудата.
„Луѓето од ЦБФ сметаат дека Зидан е идеален кандидат за клупата на репрезентацијата која не ги исполни очекувањата на СП во Катар. Тие се импресионирани од резултатите на Зидан со Реал Мадрид. Французинот е фаворит за селекторската функција бидејќи од 2021 година е без ангажман откако си замина од Реал“, пишува „Лекип“.
Зидан требаше по завршување на СП во Катар да биде именуван за нов селектор на Франција, но челниците на фудбалската федерација на оваа земја одлучија да му понудат нов договор на актуелниот селектор Дидие Дешан.
Зинедин Зидан го водеше Реал Мадрид од 2016 до 2018 и од 2019 до 2021 година и притоа освои 11 трофеи, од кои три во ЛШ и два во Ла Лига.