Сеир и на сметка на Македонија за време на отворањето на ЛОИ во Париз, но вината е кај организаторот (Фото)

Летните олимписки игри во Париз синоќа на спектакуларен начин, со четиричасовна свеченост беа прогласени за отворени и беше запален олимпискиот оган.

Централниот настан се случи на реката Сена, каде беа користени 85 бродови, а продефилираа околу 7.000 спортисти од 205 земји од целиот свет.

Меѓу многуте спортисти, на еден од бродовите се најде и македонската експедиција. Вкупно шестмина спортисти има Македонија на овие игри, а уште на отворањето, нашите направија гаф.

Македонските спортисти и тие на Луксембург кои истотака беа во бродот, едноставно ја утнаа страната на која треба да отпоздрават кон камерите кои го пренесуваа најголемиот спортски настан во светот.

Наместо да поздрават кон камерите, македонските спортисти, но и тие од Луксембург буквално со несмасна реакција, го завртеа грбот на светската јавност, што секако не остана незабележано и внесено како дел од гафовите на отворањето на Игрите во Париз.

За ваквиот пропуст, објаснување даде и Игор Јакимовски кој е тренер на атлетичарот Дарио Ивановски и беше дел од експедицијата во бродот.

„Да им одговорам и на таканаречените СЕИРЏИИ кои удриле по нас.
На секој пренос во живо одговорен за кадрите е само режијата, односно режисерот кој ги одбира самите кадри.
Во овој случај настанот се снимаше со камери од сите можни страни.
Волонтерот/водичот од нашиот брод ни ја покажа насоката на снимањето и како да бидеме поставени.
Ние немавме престава од кај не снимаат бидејќи не сме режисери и не сме како сеирџиите дома на фотељи стандардно во позиција за елаборирање на турски серии.
Потоа волонтерот ни објасни и ни се извини за нивниот пропуст.
Ова е толку просто за разбирање да само со диплома за основно образование се разбира во момент како прва страна од школскиот буквар.
Ама за жал, доцна е за некои кои Десингерица, локал биртија и електричен тротинет им се врв во животот за сеирџиски елан“, стои во дел од статусот на Јакимовски на социјалните мрежи.

 

- Оглас -

Најнови вести