Секогаш би го избрал Меси пред Марадона затоа што неговата магија трае многу подолго

Барселона ја има фаворитската улога во двомечот против Наполи во осминафиналето на Лигата на шампиони, но фудбалерите на каталонскиот гигант знаат дека воопшто нема да биде лесно да стигнат до посакуван резултат вечерва на „Сан Паоло“.

Жарарт Пике е еден од најискусните кај Барселона и еден од оние што ќе бидат задолжени за дефанзивните задачи. Пике вели дека Каталонците треба да постигнат барем еден гол за да имаат помирен реванш на „Камп ноу“.

„Мора да бидеме претпазливи во дуелот со Наполи. Тие не ја започнаа сезоната најдобро, но во последно време играат многу добро. Имаат квалитетни играчи, како што се: Мертенс, Инсиње, Милик, кои може да ни создадат многу проблеми и затоа мора да бидеме внимателни. Ние треба да ја играме нашата игра и да дадеме гол“, рече Пике.

Неизбежно беше и прашањето за тоа кој бил подобар играч, Лионел Меси или Диего Армандо Марадона. Легендарниот Марадона е икона на Наполи, но тој играше и во Барселона. Меси целата кариера е во дресот на Каталонците.

„Сѐ е речено околу Марадона. Тој беше уникатен играч што му даде многу работи на фудбалот. Играше и за Наполи и за Барселона и засекогаш ќе остане запаметен. Сепак, ако ме прашате да ги споредам со Меси, тогаш го одбирам Лео. Меси е пред Марадона затоа што неговата магија трае многу повеќе од таа на Марадона. Секогаш би го одбрал Меси пред Марадона“, заврши Пике.

 

- Оглас -

Најнови вести