Фудбалската репрезентација на Македонија го одржа вториот тренинг во Анталија, Турција, каде што на 22 и на 25 март ќе одигра два пријателски натпревари против Молдавија и Црна Гора.
Репрезентацијата денеска ќе биде во комплетен состав со приклучувањето доцна попладне на Бојан Димоски.
Еден од помладите репрезентативци, Агон Елези, смета дека на претстојните натпревари важна е не само играта на нашата репрезентација, туку и резултатот од мечевите.
„Ми недостасуваше оваа атмосфера која ја имаме во репрезентацијата.
Молдавија и Црна Гора се две одлични репрезентации и очекувам да бидат добри подготовки за дуелите во Лигата на нациите. Како што знаеме, имаме и промена на генерација и тоа е добро за нас да имаме што повеќе натпреварите, да се вклопиме во репрезентацијата. Секогаш кога се игра за Македонија, не само играта, туку и резултатот е многу важен иако се работи за контролни натпревари. Тоа ќе ни даде дополнителен импулс и зголемување на самодовербата за следните натпревари. Се надевам и очекувам да ја задржиме позитивната атмосфера од последниот собир. Двата меча се одлична подготовка за предизвиците кои ни следуваат. Молдавија и Црна Гора се одлични селекции, ние имаме нова генерација и ни требаат вакви натпревари.