Тренерот на ПСЖ, Тoмас Тухел, не може да се радува на победата од 4-0 над Тулуз. Трите бода не се утеха за германскиот стратег бидејќи во мечот од четвртото коло во Лига 1 остана без главните адути во тимот, Килијан Мбапе и Единсон Кавани.
Двете ѕвезди на ПСЖ вчера не можеа да го дочекаат крајот на средбата која се одигра на „Паркот на принцовите“. Кавани веќе по 14 минути игра, побара да биде заменет поради болки во препоните. По петнаесетина минути игра во вториот дел и Мбапе се пожали на повреда, а се чини дека станува збор за истегнување на задниот дел на бутниот мускул, по што може да се очекува Французинот да отсуствува од терените одреден период.
Неверојатно е што Тухел сите три измени ги направи принудно, бидејќи пред крајот на првото полувреме се повреди и дефанзивецот Абду Дијало.
Трансфер-сагата околу Нејмар како да не прави доволно проблеми во таборот на Светците, па сега Тухел дополнително се грижи за повредите на клучните играчи.