Фудбалерите на Босна и Херцеговина имале голема среќа при денешното доаѓање во Ерменија. БиХ синоќа лесно и убедливо со 5:0 го победија Лихтенштајн, а денеска веќе отпатуваа за Ереван, каде ги очекува меч против Ерменија. По слетувањето, за време на пасошката контрола, репортерот на „Аваз“ открива дека се случувала вистинска драма и сите кои биле во авионот имале многу голема среќа.
Новинарот разговарал со постар човек, кој е искусен пилот. Токму пилотот, кој бил патник во авионот, му открил на новинарот дека малку недостасувало авионот да се срушел.
„Секунди, односно еден степен недостасуваше за авионот да се сруши. Тоа одговорно го тврдам, бидејќи имам повеќе од 600 часа летање како пилот. За овој инцидент ќе го известам Државното воздухопловство во БиХ. Никој не смее да си игра со човечките животи. Можете слободно да го напишете ова“, рекол пилотот во разговор со новинарот.
Според искусниот пилот, навалувањето на авионот не смее да биде поголемо од 30 степени.
„Едноставно, не се дозволени никакви нагли потези. Навалување од 30 степени е кобен, а според моите проценки, ова беше со навалување од 28 степени“, објаснил пилотот, а пренесува сајтот Аваз.ба.