12.8 C
Skopje
понеделник, 1 декември 2025

Селектор за циклус или за циркус?

Македонската фудбалска репрезентација од денеска е без селектор откако Управниот одбор на ФФМ и официјално потврди дека не му е продолжен договорот на Благоја Милевски. Оваа одлука беше очекувана, но прашање е дали е логична и дали се повторуваат некои грешки кои ги правеше претходното раководство на Фудбалската федерација на Македонија.

Милевски повеќе од една деценија беше вклучен во работата на двете најважни репрезентации, таа до 21 година и сениорската. Со младинците играше на првото историско ЕП во 2017 година, генерација од која подоцна произлегоа голем дел од актуелните репрезентативци. Со сениорската селекција, Милевски двапати ја одведе Македонија до бараж на Светското првенство, а во Лигата на нациите ја внесе во Б сегментот.

Сепак, Управниот одбор на ФФМ денеска одлучи дека „на македонската А репрезентација ѝ е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици што ја очекуваат нашата национална селекција“.

Договорот кој Милевски го имаше потпишано беше во времето на претходното раководство на ФФМ и важеше „до крајот на квалификациите за СП 2026“. Квалификациите за Мундијалот завршија, но Македонија не го заврши патот кон планетарниот собир. Во март следната година треба да играме бараж во Копенхаген против Данска, па затоа прашање е колку е логично да се менува селекторот пред последните два клучни чекори за пласман на Мундијалот.

Но, ова не е првпат да се случува во ФФМ. Тоа го доживеа и Игор Ангеловски, претходникот на Милевски. Македонија со Ангеловски се избори за пласман на ЕП 2021, но неговиот договор истече по завршувањето на баражите, па се најавуваше дека тој нема да ја води репрезентацијата на континенталниот собир.

Сепак, по притисок од јавноста и од фудбалерите, на Ангеловски му беше продолжен договорот и тој ја водеше Македонија на историското ЕП за нас. Веднаш по завршувањето на континенталниот собир, каде што Македонија ги загуби сите три меча, заврши соработката со Ангеловски. На чело тогаш дојде Милевски.

Сега Милевски ја доживеа судбината на Ангеловски. Секако дека фудбалерите и стручниот штаб се најзаслужни што Македонија ќе игра бараж за СП 2026, но патот на Милевски до Мундијалот заврши затоа што заврши неговиот договор со ФФМ.

Пред неполна година добивме ново раководство на ФФМ, но очигледно дека некои од навиките останаа исти. Менуваме селектор во време на успешни настапи во квалификациите, иако не треба да го заборавиме дебаклот од Велс и поразот со 7:1.

Постојано повторуваме дека сакаме да ги следиме европските трендови, но некои потези што ги правиме покажуваат дека сме далеку од тоа. А не треба да гледаме многу далеку. Најблизок пример ни е од соседно Косово. Тамошниот селектор Франко Фода уште во октомври доби продолжување на договорот, и тоа до крајот на квалификациите за ЕП 2028.

Договорот на Фода исто така содржи клаузула за автоматско продолжување доколку Косово обезбеди пласман на Европското првенство во 2028 година. Едноставно и јасно, доколку има резултати, има успеси и има шанси за пласман на големо натпреварување, нема никакви дилеми дека селекторот автоматски треба да добие продолжување на договорот. Но, тоа не е логично за нашето ФФМ.

Управниот одбор на ФФМ треба да донесе одлука кој ќе биде новиот селектор на Македонија најдоцна до 25 декември.

Кој и да биде наследниот на Милевски, веднаш ќе има огромен предизвик затоа што тој ќе го предводи националниот тим на баражот против Данска во Копенхаген. Секако, сонот на сите фудбалски фанатици е Македонија конечно да обезбеди пласман на Светско првенство, но доколку доживееме порази и разочарување, тоа ќе биде веднаш голем удар за новиот предводник на македонската репрезентација, чие име ќе го дознаеме до крајот на 2025 година.

Ќе биде убаво договорот што ќе го потпише новиот селектор да биде до крајот на некој квалификациски циклус (а не до крајот на квалификациска група) за да не биде потоа некој нов циркус.

- Оглас -

Најнови вести