Македонија синоќа одигра 1-1 на гости кај Словенија, во второто коло од квалификациите за пласман на Европското првенство 2020 година и со четири бода е на делба на второто место во групата Г. „Црвено-жолтите“ се едногласни дека против Словенија можевме да ги освоиме сите три бода, а домаќинот може да биде задоволен што не загуби.
Селекторот Игор Ангеловски е влистински лидер од клупата, а играчите „гинат“ на теренот за секоја топка. Токму Ангеловски, утрово реши да испрати порака преку својот фејсбук-профил.
„Не постои сила што ова може да го сруши. Дечки ви благодарам за секој поминат момент со вас. Благодарност до нашите браќа во Љубљана. Македонија! Фамилија!“, стои во пораката на селекторот Ангеловски.
Следниот меч на Македонија во квалификациите за ЕП ќе го игра на 7 јуни во Скопје, и тоа против Полска, која е единствена со максимални шест бода по првите две кола во нашата група.