Големи освежувања се најавуваат во нападот на македонската фудбалска репрезентација. Илија Несторовски е повреден, Крсте Велкоски веројатно нема веќе да игра за националниот тим, Влатко Стојановски само што потпиша за хрватска Горица и најавите се дека во офанзивниот дел, селекторот Благоја Милевски покрај Алекснадар Трајковски и Милан Ристовски, ќе ги повика и Бојан Миовски од унгарски МТК и Адис Јаховиќ од турски Ѓозтепе.
Квалитетите на искусниот Јаховиќ се знаат, но тој беше во немилост кај претходниот селектор Игор Ангеловски. Но, со промоцијата на Милевски, се отвори вратата за камбек на Адис во македонската репрезентација.
Миовски ќе биде повикан за септемвриските мечеви со Ерменија, Исланд и Романија од квалификациите за СП 2022. Штипјанецот има 22 години и даде еден гол во три кола во унгарската лига. Миовски во МТК дојде во 2020 од Ренова, а беше член и на младата репрезентација.
Заедничко за Миовски и Јаховиќ е што се високи по 190 сантиметри, опасни се во воздушни дуели и тоа е новина во националниот тим и елемент кој често недостасуваше во ерата на селекторувањето на Ангеловски.