Селекторот на фудбалската репрезентација на Австралија, Грем Арнолд, го соопшти списокот од 26-мина играчи на кои ќе смета за Светското првенство во Катар. Изборот на Арнолд може да предизвика кавги во неговото пошироко семејство затоа што на списокот не се најде Трент Сеинсбури.
Тоа е фудбалерот кој во изминативе осум години беше стандарден член на репрезентацијата на Австралија, а играше и на Мундијалот пред четири години во Русија. Не само што беше стандарден репрезентативец, Сеинсбури е познат и како зет на селекторот Арнолд затоа што фудбалерот веќе неколку години е во брак со неговата ќерка Елис и заедно имаат две деца.
Сеинсбури, кој има 58 настапи за Австралија, настапува во катарското првенство и ќе биде во земјата домаќин на Мундијалот, но на стадионот може да биде само како гледач. Селекторот се обиде да ја објасни својата одлука да не го повика зетот во составот.
„На сите ви е јасно колку е тешка оваа одлука за мене. Зборував со Трент за целата ситуација. Тој веќе некое време не играше и ова е многу тешка одлука, но мислам дека фудбалери како што се Ровлес и Сутар, кои се во одлична форма, заслужуваат да бидат во националниот тим. Трент сфати колку ми беше тешко да ја донесам таа одлука. Не знам дали се налути поради тоа, но тоа беше единствено исправно што можев да го направам“, објасни селекторот Арнолд.
The 2️⃣6️⃣ players heading to our sixth @FIFAWorldCup 🫡✈️
#GiveIt100 #Socceroos pic.twitter.com/7G6A6KbEpk— Socceroos (@Socceroos) November 8, 2022
На Мундијалот во Катар, Австралија е во група со Франција, Тунис и Данска. Првиот меч ќе го игра на 22 ноември против Франција, потоа следува мечот проти Тунис на 26 ноември, а третиот дуел е закажан за 30 ноември против Данска.