Бразил на домашен терен ќе игра против најголемиот ривал Аргентина, во финалето на Копа Америка, а победникот ќе се закити со трофејот за најдобрата селекција во Јужна Америка. Бразил е актуелен бранител на трофејот, а Аргентина речиси 20 години чека да се искачи на тронот.
Гаучосите последен пат биле континентални прваци во 1993 година, а капитенот Лионел Меси е под голем притисок, затоа што за речиси две децении настап во националниот дрес, нема освоено ниту еден голем турнир. Меси игра одлично на овој турнир на Копа Америка и има четири гола и четири асистенции, па Бразилците имаат причини да бидат загрижени.
Селекторот на Кариоките, Тите вели дека знае како да се сопре налетот на Меси, но нема да го открие пред новинарите.
„Знам како да го сопреме Меси, но нема да ви кажам сега. Не можеме целосно да го сопреме, но можеме да го намалиме неговото влијание во играта. Кога се работи за играчи како Меси и Нејмар, тогаш се работи за фудбалери од највисоко ниво. Двајцата се посебни, но јас верувам во мојата екипа и сакаме да победиме во финалето“, рече предводникот на Бразил, Тите.