Селекторот на Данска, Брајан Ример, не е незадоволен од начинот на кој неговата селекција помина со ждрепката за бараж-натпреварите за Светското првенство.
Тој изрази задоволство што ја избегнале Шведска при ждрепката, а не даде конкретен став за Македонија како ривал. Не му е драго што ќе мора да гостува доколку Данска излезе како победник во полуфиналната пресметка со нашиот национален тим.
„Сакавме да ја избегнеме Шведска и тоа ни успеа. Исто така сум задоволен што ги избегнавме Албанија и Полска од другата страна, па мислам дека сè на сè, ова е добра ждрепка за нас. Ќе играме против Македонија и веруваме дека можеме да одиме понатаму. Сите што беа овде се надеваа дека ќе играат дома на вториот натпревар доколку се стигне дотаму. И ние се надевавме, но, добро, така испадна и ќе го прифатиме тоа“, изјави селекторот на Данска, Брајан Ример.

