
Одбројувањето се ближи до крајот. Македонија веќе пристигна во Копенхаген, а притисокот кај данските фудбалери и, пред сѐ, кај селекторот Брајн Ример е сѐ поголем. Тие се фаворитите и едноставно „мора“ да победат, а селекцијата на Гоце Седлоски дојде да брка изненадување.
Но, селекторот на Данците, Брајан Ример, како полека да си прави алиби. Тој ги праша данските новинари колкумина од актуелниот состав што ќе се соочи со Македонија во четврток биле дел и од Европското првенство 2024?
Никој не го знаел точниот одговор, па Ример ја даде информацијата. Само единаесетмина. Повеќе од 50 проценти од тогашниот состав отпаднале од различни причини. Пред сѐ, поради повреди.
Во неговиот тим сега има многу нови и, во репрезентативен контекст, неискусни играчи, и тоа пред еден од најважните натпревари во последните години.
Сепак, тоа не значи дека искусни фудбалери како Пјер-Емил Хојбјерг и Кристијан Ериксен мора задолжително да носат поголем товар, како на теренот така и надвор од него, истакна селекторот.
„Најважната порака до играчите е дека сите мора да преземат одговорност и секој да придонесе со тоа што го има. Не е важно дали имаш нула или 145 настапи за репрезентацијата. Никој не е на ‘лесна прошетка’ и никој не може да гледа во другите и да мисли дека ‘тие ќе ја завршат работата. Без разлика дали доаѓаш од Боде и си дел од едно од најголемите достигнувања во скандинавскиот фудбал во последните 50 години, или доаѓаш од Германија со големо репрезентативно искуство – важно е што можеш да ѝ дадеш на селекцијата на Данска во овој момент“, изјави Брајан Ример.
Капитенот на Данците, Пјер-Емил Хојбјерг, имаше речиси идентична порака.
„Сакам сите да разберат дека се избрани во репрезентацијата затоа што имаат квалитет. А кога си избран, тоа носи и одговорност“, изјави Хојбјерг.
„Се работи за заедничко издигнување, не е работа на еден човек. Јас ќе морам да водам и да повлечам, но ми требаат и други кои ќе го прават тоа. Ќе треба да бидам напред и да го влечам јажето, но и сите да се наредени зад мене. Секој треба да се чувствува дека има обврска кон тимот. Кога тимот напредува како целина, сите играат подобро. Секој има што да даде и тоа чувство е клучно“, објасни данскиот капитен.
Победникот од дуелот меѓу Данска и Македонија пет дена подоцна ќе патува на финален дуел кај победникот од пресметката меѓу Чешка и Ирска.

