Селекторот на Германија е песимист пред дуелот со Шпанија

Германија против Шпанија во дуел на две селекции кои знаат како е да се биде и европски и светски првак е дерби за мерак во првото коло од Лигата на нациите. Селекторот на домаќините Јоаким Лев се плаши дека неговите фудбалери нема да издржат во ист ритам во сите 90 минути.

Панцерите ќе бидат без поголем дел од играчите на Баерн Минхен кои пред 10-тина дена стигнаа до трофејот во Лигата на шампионите. Поштедени се Мануел Нојер, Серж Гнабри, Џошуа Кимих и Леон Горецка.

„Ситуацијата е таква што има многу разлика меѓу играчите. Некои од нив тренираа напорно со недели, а немаа мечеви, додека некои до неодамна беа во натпреварувачки ритам. Трети пак беа на одмор и сега се вратија. Затоа мислам дека фудбалерите нема да издржат во сите 90 минути да играат во висок ритам“, открива Лев.

И селекторот на Шпанија, Луис Енрике, е во слична ситуација, а стратегот на гостите вели дека тоа е официјалниот распоред на УЕФА и мора сите да ги прифатат термините за одигрување на натпреварите.

 

- Оглас -

Најнови вести