Селекторот на Казахстан: Македонија одигра одличен меч и нема од што да се плаши на ЕП

Талгат Бајсуфинов, селекторот на Казахстан и посака на Македонија среќен пат на Европското првенство и изјави дека нашата репрезентација одигра одличен меч вечерва и дека нема од што да се плаши на ЕП.

„Имавме многу добар противник. И честитаме на Македонија и посакуваме добар настап на Европското првенство. Грешевме многу во одбраната, не функционираше и средниот ред и поразот не можевме да го избегнеме. Македонија има сличен пристап како Украина, селекција која е вашиот втор противник на шампионатот. Иако во Скопје игравме без неколку стандардни играчи може да се спореди играта на Македонија и Украина, селекција со која неодамна ремизиравме 1:1 во квалификациски меч за Мундијалот. Имате фудбалски велемајстор каков што е Горан Пандев, одлични сте во контри и во одбраната и можете да се надевате на добар настап на ЕП, изјави Бајсуфинов.

Македонија со головите на Езџан Алиоски од пенал, потоа и на Иван Тричковски, Милан Ристовски и Дарко Чурлинов го декласира Казахстан со 4:0 во последниот пријателски меч пред настапот на Европското првенство.

Од 13. јуни за првпат ќе играме на големо натпреварување, а прв ривал во Букурешт ќе ни биде Австрија од 18 часот. Четири дена подоцна на истото место, но од 15 часот противник ќе ни биде Украина, а потоа се селиме во Амстердам на мегдан на Холандија на 21. јуни што ќе ни биде и последен меч во фазата по групи.

 

 

- Оглас -

Најнови вести