Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Јончевски, е оптимист и верува во позитивен исход во последните два натпревара од претквалификациите за пласман на ЕП 2025.
Македонија задутре (18 часот) ѝ гостува на Словачка, а за пет дена со дуелот против Норвешка ќе ги заврши претквалификациите.
„Имаме четири победи, но еден кикс може да нè врати подолу на табелата. Можеме да очекуваме тешки натпревари бидејќи секоја селекција има свои математики. Словачка и Норвешка имаат две победи и не се предаваат, сигурно ќе играат на победа. Освен Данска, сите имаат свои математики. Имаме два-три дена да се подготвиме и да видиме како ќе настапиме. Ќе видиме дали ќе промениме нешто во тактиката бидејќи веќе одигравме два натпревара со истите репрезентации. Очекувам позитивен исход“, вели Јончевски.
Јончевски гледа само на првиот меч во овој ФИБА „прозорец“, тој против Словачка.
„Победивме на домашен терен, во исклучително тежок натпревар во кој во поголемиот дел бркавме негатива. Научивме доста од тој натпревар и како да пристапиме задутре. Двете селекции имаат измени од ростерот, ние ќе ги немаме Димитријевиќ и Јакимовски, а Словаците ќе сметаат на нивниот најдобар играч Бродзијански. Верувам дека и тие се подготвуваат за игра на победа, па ќе видиме како тактички ќе одговориме на промените. Целиме на една победа, секако дека ќе играме на две победи, но имаме позитивна енергија и грев е да не го искористиме овој позитивен скор од четири победи на стартот“, смета Јончевски.
Македонија е прва во групата Д од претквалификациите за ЕП 2025 со максимални четири победи во четири натпревари.