Селекторот на Србија Светислав Пешиќ беше разочаран по поразот од Финска и ги сумираше првите впечатоци по шокантната елиминација во осминафиналето на Европско првенство.
„Честитки до Финска. Одлична игра, заслужено победија вечерва. Знаевме каков тим е Финска, како играа, со многу енергија, имаа офанзивни скокови. И вечерва го добија офанзивниот скок со 9:20. Финска имаше само 31 процент шут, а дадоа 92 поени, што покажува колку е важно да се има офанзивен скок и втора шанса“, рече Пешиќ веднаш по мечот.
Селекторот вели дека повеќе фактори влијаат за овој разочарувачки резултат на Србија.
„Мечевите не се добиваат на атмосфера туку на квалитетот, на добра подготовката. Така било порано, ништо различно не е ни сега. Можеме да бараме изговори тука, но реалноста е дека во ваков натпревар, на турнир, не бевме подготвени. Неколку играчи играа со повреди против Финска. Вирус го нападна нашиот тим. Никола Јовиќ исто така имаше проблем, па не тренираше, освен денес. Тоа не е изговор, но со ваков тим, ако играте на турнир, мора да бидете во подобра физичка состојба и противникот да го почувствува физичкиот контакт, дека сме присутни на теренот. Не можете да кажете дека играчите не дадоа сè од себе. Сите нè гледаат како апсолутен фаворит, што е дополнителна мотивација за противниците. Сите се прашуваа дали може да се случи Србија да загуби од Финска и ете се случи“, додаде Пешиќ веднаш по поразот од Финска.