Со пет победи и едно реми, Македонија повеќе од заслужено го освои првото место во групата од Ц сегментот и избори место во посилниот Б сегмент за следниот циклус од Лигата на нации. Селекторот Благоја Милевски верува дека Македонија ќе биде конкурентна дури и да игра со посилни ривали од овие кои ги имавме во оваа група од Лига на нации.
„Ќе почнам од малку поодамна. Во квалификациите за ЕП 2024 кога бевме во група со три селекции кои на крајот учествуваа на завршницата. Освен на дуелот во Скопје против Украина кога загубивме со 3:2 и поразот од Англија во Манчестер со 7:0, момците одиграа одлично во сите други мечеви. Во тие квалификации, момците покажаа дека имаат потенцијал, дека се конкурентни и на повисоко ниво од тоа што сме сега. Свесен сум дека имаме потенцијал. Не се сложувам дека имавме лесни противници во Лигата на нации. И Фарски Острови и Летонија, а секако и Ерменија грабат напред со крупни чекори. Само оној кој не е упатен и не гледа европски фудбал може да мисли дека сме имале лесни противници. Ова е начинот и правецот во кој треба да се движи националниот тим. Момците покажаа како се сака и почитува својата држава“, рече Милевски кој не штедеше пофални зборови за фудбалерите.
„Честитки до играчите кои уште еднаш покажаа и докажаа дека секогаш го даваат најдоброто кога се во репрезентативниот дрес. Познавајќи ги фудбалерите, тие нема да застанат тука. Мора да се продолжи во ист ритам. Од почетните 11, дури осум немаат минутажа во своите клубови, а сепак наоѓаат начин да одиграат против вакви противници на ваков начин. Навистина не се нормални според мене. Од каде ја наоѓаат таа енергија, мотивација и желба? Јас знам од каде, од нивниот карактер. Познавајќи ги сите нив, тие нема да застанат тука“, додаде Милевски веднаш по завршување на успешниот настап во Лигата на нации.