Репрезентативната пауза е добра прилика за македонските „селектори“ да излезат на површина како полжави на дожд, па да се лигават на социјалните мрежи и по портали, да коментираат што треба и што не треба. Доста анализиравме што прави Гвардиола со Сити, зошто Барса не може без Меси, па мора малку и по сопственото да удриме.
Нашите Рисови пред пет дена ја посетија Светата Земја, од таму си заминаа со кренати глави и бод во џеб, помалку разочарани што не го зграпчија целиот плен кога можеа. Ремито со Израел нам не ни помина незабележано, пред малите екрани седнавме и троа врвни стручњаци си кажавме што не ни чини во нашата игра. Па, селекторска држава сме или што сме? Сѐ знаеме, сѐ доведовме во ред, па ни остана уште фудбалот.
И ДО ДЕН ДЕНЕЕС ВО МА – КЕ – ДОНИЈА СЕ РАЃААТ… СЕЛЕКТОРИШТА!
Поминаа неколку дена од тој меч, а селекториштава наши уште се бунат што требало и што не требало да направат репрезентите на оваа строго стучњачка земјичка. Пропаднав во земја читајќи го коментарите од типот „дрва едни… селекторот да даде отказ…“ и така натаму, белким некад сме биле јаки па сега се срамиме и не можеме да го победиме Израел.
Истите тие стручњаци, не се помрднуваат од место кога треба да се даде поддршка за Македонија на „Градски“, пошто нели нема смисла да се трошат 100-150 денари за да се гледа Гибралтар, Летонија, Сан Марино… Побитно ни е дали светска велесила гостува во Скопје, отколку да се навива за нашата репрезентација и во добро и во зло.
Млад сум, не сум сведочел на многу наши успеси, ама ако нешто сум научил од постарите, тоа е дека секогаш треба да застанеме зад нашето, па макар и против Голијат се бореле. Арно ама, не било така. Во ова модерно време со лајкови, негативни коментари и плукања се бодрела фудбалска Македонија… Барем некој навреме да ми кажеше, немаше да се потам да го пишувам овој коментар и да собирам гнев во мене.
ПРАЗНИЧНО НА ТЕРЕН, СО ПОГОЛЕМА ЖЕЛБА СЕ ГИНЕ
Вчера ни беше празник, славевме независност на Македонија, веќе 28 години самостојно тактизираме од шанкерските столчиња и ја работиме работата која е назначена на оној, вистинскиот селектор.
УЕФА баш и не се грижи што македонските фудбалери на најголемиот државен празник мора да играат, па ниту денес со Летонија нема да ни биде првпат. Празнично сакаме победа, нормално, па да го ставиме овој дуел во кошот со ремито од 1-1 против тогашниот европски првак Данска, дуел кој се одигра на 7 септември во 1994 година.
Во тој ист кош стојат и кошаркарските подвизи наши. На 8 септемрви 2009 година ја запишавме историската прва победа на Европските натпреварувања, а Израел беше селекцијата која го обра бостанот пред Антиќ, Стефанов и компанија. На тој ист ден, осмиот ден од септември, само две години подоцна, Македонија ја преслуша Грузија за историски пласман во четвртфиналето на Евробаскетот. „Гооооолшот“ на Мекејлеб уште се отсликува пред моите очи, го паметам како вчера да се случило.
Тоа се тие ретки, но прекрасни моменти кои ме прават да бидам горд Македонец, а не уфилман селектор кој два збора убави не може за своето да си каже. Било фудбал, кошарка, ракомет, па макар и фрлање копје да е, колку и да сме слаби не смееме да си дозволиме да го газиме нашето. Тоа е што е, наше си е мора да си го негуваме.
Затоа селекторишта независни, вечерва згрмите за Македонија како да освоила Светско, иако триумф против една Летонија ќе ни донесе само три бода во квалификациите. А, кога ќе дојде време да се оди на „Градски“, први да бидете во редот за да влезете на стадион и да ги бодрите Рисовите кои гинат на терен за тој црвен дрес, иако некогаш не изгледа така. Ах, и да не заборавам, оставете го тактизирањето на селекторот, оној вистинскиот, што ни донесе резултати какви што пред 15-20 години можевме само да ги сонуваме. Спорт е тоа, некад се победува, некад се губи, а за ширењето омраза во спортот нема место.
Честит нека ни е празникот и вечна да си Македонијо, и газете ја вечерва „двојка“, подарок од Селекторот со квота од 1.65!