Селта која се бори за опстанок во шпанската лига, со 6-0 го декласираше Алавес. Овој резултат е неверојатен, ако се знае дека Селта долги години немаше дадено шест гола на еден меч и беа најнеефикасен тим во лигата до пред ова коло. Ова им е најубедлива лигашка победа уште од 1954 наваму.
На гостите им се закануваше и поголема катастрофа, бидејќи по првото полувреме семафорот на „Балаидос“ покажуваше 4-0, а плус тоа гостите од Виторија имаа и еден исклучен играч, па целта им беше да примат што помалку голови.
Селта повеќе од 20 години немаше водено со 4-0 по прво полувреме на лигашки меч.
Гол-шоуто го отвори Мурилјо, негов прв гол после пет години. Потоа Аспас од пенал зголеми на 2-0, а Рафиња за 86 секунди даде два гола, за 4-0 по првиот дел. Во второто полувреме, повратникот во Селта, Нолито, погоди од пенал за 5-0, а после Нолито му асистираше на Мина за конечни 6-0. Алавес е тим против кој се досудени најмногу пенали во Ла Лига сезонава, засега 13.