Семејството на Михаел Шумахер почна да ги продава неговите лични работи за да собере пари за прескапото лекување. Трошоците со кои се соочува семејството Шумахер поради здравјето на седумкратниот шампион во Ф1 се зголемуваат со долгогодишното закрепнување од повредата на скијање во 2013 година.
Италијанските медиуми јавуваат дека трошоците за лекување и заштита на приватноста на Шумахер пораснале на 7 милиони евра годишно. Поради тоа, неговата сопруга Корина решила да ја продаде вилата, подоцна и замокот кои се во негова сопственост, потоа приватниот авион и колекција скапи часовници. Имотот се продава со цел да се заштити поранешниот Формула 1 ас и да се задржи надежта за неговото подобро утре, се вели во соопштението.
Шумахер настрада на 29 декември 2013 година, кога скијајќи надвор од патеката, падна и со главата удри во карпа. И покрај тоа што носел заштитна кацига, тој се здоби со сериозни повреди поради кои помина половина година во индуцирана кома.
За неговото здравје не се знае речиси ништо. Семејството Шумахер не излегува во јавноста со одговори на прашањето кое многумина ги интересира и максимално го штити од надворешни влијанија.