7.8 C
Skopje
понеделник, 23 февруари 2026

Семејството пред сѐ: Поради болната ќерка, Дик Адвокат си даде отказ пред настапот на СП 2026

Славниот холандски тренер Дик Адвокат испиша историја откако со селкцијата на Курасао се пласираше на Светското првенство кое ова лето ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Иако до почетокот на Мундијалот има помалку од четири месеци, Адвокат реши да си поднесе оставка на селекторското место.

Адвокат, кој во минатото место селектор и на Холандија, Белгија и Јужна Кореја, а на клупско план ги предводел екипите на ПСВ Ајндховен, Сандерленд, Ренџерс… реши да си даде отказ од селекторското место поради здравствената состојба на неговата ќерка.

„Секогаш сум велел дека семејството е над фудбалот. Значи, оваа моја одлука е разбирлива. Секако, тоа не го менува фактот дека многу ќе ми недостасуваат луѓето од Курасао“, рече 78-годишниот Адвокат кој има речиси 40 години тренерско искуство.

На селекторското место во репрезентацијата на Корасао, Адвокат беше во последните две години и успеа со земјата од карипскиот остров да стигне до првиот настап на планетарниот собир.

На местото на Адвокат, селекторската функција ќе ја преземе неговиот 63-годишен сонародник Фред Рутен. Се работи за поранешен холандски дефанзивец кој како тренер ги водел екипите на ПСВ, Андерлехт и Феенорд.

На Светското првенство кое ќе биде за неколку месеци, Курасао ќе биде во група со репрезентациите на Германија, Брегот на Слонова коска и Еквадор. Првиот историски меч ќе го игра против Германија на 14 јуни на стадионот во Хјустон.

- Оглас -

Најнови вести