Не стивнуваат реакциите по шокантната одлука на Африканската фудбалска конфедерација за титулата да му биде одземена на победникот Сенегал и да му биде доделена со службен резултат на Мароко.
Два месеца по финалето на Африканскиот куп на нациите, во кое Сенегал го победи Мароко со 1-0, го освои пехарот и славеше, титулата му беше доделена на поразениот Мароко со службен резултат од 3-0. Одлуката беше донесена бидејќи играчите на Сенегал, огорчени од одлуките на судијата, го напуштија теренот на 15-тина минути, а потоа се вратија и го освоија финалето на регуларен начин.
Првиот човек на африканскиот фудбал, Патрис Мотсепе, кој го носи товарот на овој епски скандал, ја бранеше одлуката на Комитетот за жалби на неговата организација да му ја додели титулата на Мароко. Комитетот за жалби утврди дека Сенегал ги прекршил правилата на турнирот.
Но, Сенегал сè уште има шанса да си го задржи трофејот во свои раце бидејќи конечната одлука е во рацете на Спортскиот арбитражен суд (САС) во Лозана. Сенегал се жалеше и Африканската конфедерација ќе ја почитува одлуката на САС каква и да е.
Арбитерот на САС, Рејмонд Хак, изјави дека очекува судот да пресуди во корист на Сенегал. Хак изјави дека поради тоа што Мароко не поднел жалба пред крајот на натпреварот, а судијата Жан-Жак Ндала го продолжил натпреварот наместо да го запре, нема основа Одборот за жалби да застане на страната на Мароко. Судот е тој што утврдува дали има правно прекршување на правилата, а не спортско.
Хак од новинари на ESPN беше прашан дали Одборот за жалби има каква било легитимна основа за поништување на конечниот резултат: „Не, воопшто не, бидејќи судијата е конечната одлука за натпреварот и кога тој ќе свири со свирче за крај на натпреварот, тогаш натпреварот завршува“.
Судијата додаде дека CAС за пресудата ќе донесе одлука најмалку по шест месеци.

