Репрезентацијата на Сенегал го победи Еквадор со 2:1 во дуел кој директно решаваше за селекцијата што треба да оди во осминафиналето на Светското првенство. По оваа победа, Сенегал ја заврши групата со шест бода, еден помалку од Холандија, која е прва со седум бодови по победата над Катар со 2:0. Еквадор остана без место во нокаут-фазата само со четири бода, додека Катар испиша неславна историја и е првиот домаќин кој го завршил планетарниот собир без ниту еден освоен бод.
Сенегал поведе со голот од пенал на Сар во 44-тата минута, а Еквадор со погодокот на Каиседо во 68-мата минута израмни на 1:1. Во таква ситуација на нерешен резултат, Еквадор ќе беше втор, но Сенегал со голот на Кулибали во 79-тата минута стигна до 2:1, што на крајот беше доволно за победа и пласман во следната фаза.
Во вториот дуел од А групата, Холандија без многу мака со 2:0 славеше над домаќинот Катар. Гакпо во 26-тата минута донесе предност за Лалињата, а Френки де Јонг на почетокот на второто полувреме зголеми на 2:0, што на крајот се покажа и како конечен резултат.