Еден од култните тимови во францускиот фудбал, Сент Етјен, кој има десет шампионски титули во клупската историја, успеа да се врати во елитата. Составот на Оливие Далолјо одигра 2-2, по продолженија, на гостувањето против Мец и ја одбрани предноста од еден гол (2-1) обезбедена на домашен терен, во финалниот плејоф за пласман во Лига 1.
Ибрахима Ваѓи беше херојот на Сент Етјен. Тој го постигна погодокот за конечни 2-2 во 117.минута од дуелот против Мец.
Домаќинот уште во шестата минута остана со фудбалер помалку поради исклучувањето на Папа Дијало, но и покрај тоа постигна два гола преку Ламин Камара и Георге Микаутадзе од пенал. Сент Етјен намали на 2-1 со голот на Лео Петро во 35.минута.
Мечот отиде во продолженија, а гостите постигнаа гол за пласман во елитата дури во 117.минута.