Европската кошарка би можела да биде сведок на еден од најшокантните трансфери досегa, со оглед дека израелскиот клуб Хапоел Тел Авив се подготвува да му понуди договор на Расел Вестбрук и да го направи најплатениот играч во историјата на Евролигата.
Сопственикот на Хапоел, Офер Јанај, е подготвен да го плати Вестбрук со повеќе од 5 милиони евра по сезона, сума што досега не ја видел ниту еден играч во европската кошарка. Пари не се проблем за амбициозниот клуб, бидејќи минатогодишниот буџет од 20 милиони евра е веќе двојно зголемен, со цел тимот да конкурира на највисоко ниво, рамо до рамо со гиганти како Реал Мадрид.
Хапоел веќе му понудил сериозен договор и на Василије Мициќ, но доведувањето на поранешниот МВП играч во НБА лигата би било трансфер кој целосно би ја променил сликата на Евролигата.
Во меѓувреме, Вестбрук, кој моментално е во фаза на опоравување по операцијата на раката, најверојатно ќе го напушти Денвер нагетс. Тренерот Мајкл Мелоун се залага за побавна, шутерска игра, што не одговара на стилот на Вестбрук. Исто така, неговиот придонес во минатата сезона не беше особено забележителен, што отвора простор за разделба.
Иако во НБА заработува нешто повеќе од три милиони долари, Вестбрук би добил најмалку двојно повеќе во Европа. Прашањето е – дали има мотив да се префрли во Евролигата, или ќе избере уште една шанса во НБА? Без сомнение, заинтересирани клубови ќе има.
Сепак, кога стои големиот капитал на Офер Јанај зад амбицијата, ништо не е невозможно. Дали навистина ќе ја видиме најголемата трансфер сензација во историјата на европската кошарка?