Сензација кај Хрватите – Селекторот Хорват не го зеде Игор Карачиќ за ЕП

Хрвоје Хорват донесе изненадувачка одлука да не го повика Игор Карачиќ меѓу одбраните 18 репрезентативци на Хрватска што ќе играат на Европското првенство во ракомет од 13 до 30 јануари.

Поранешниот вардаров ракометар, сега член на Кјелце се најде на резервниот список со петмина ракометари кои би играле на ЕП само ако некој од повиканите 18-мина репрезентативци не биде во можност да игра за Хрватска на континенталниот шампионат.

Карачиќ е еден од главните столбови на хрватската репрезентација, но Хорват одлучи да не го повика на главниот список со 18-мина ракометари.

Покрај Карачиќ, на резервниот список се и Марин Шего, Марино Мариќ, Шиме Ивиќ и Тин Лучин.

На главниот список е вардарецот Анте Гаџа и уште двајца ексвардарци, Иван Чупиќ и Лука Циндриќ.

Хрватска во првата фаза ќе игра во Ц групата во Сегед со Франција, Србија и Украина.

 

- Оглас -

Најнови вести